Според премиерот, се создава уставна и одржлива рамка за правична застапеност

Новото законско решение за правична застапеност обезбедува јасна рамка за негово спроведување и не ја доведува во прашање уставноста, изјави премиерот Христијан Мицкоски во гостување во „Отворено студио“ на МРТ1 по повод две години од мандатот на Владата.

Тој нагласи дека целосно застанува зад законот и посочи дека истиот ги добил сите позитивни препораки од Венецијанската комисија.

„Ценам дека со ова законско решение, зад кое стојам целосно, се обезбедува рамка во која ќе имаме правична застапеност. Законот ги доби сите позитивни препораки од Венцијанската комисија и не е доведена во прашање уставноста“, изјави Мицкоски.

Ќе се носат подзаконски акти и ќе има тело што ќе го следи процесот

Премиерот појасни дека во следниот период треба да се изработат подзаконски акти со кои ќе биде дефиниран механизмот за спроведување на правичната застапеност.

Според него, во рамките на Владата ќе функционира и посебно тело кое ќе го следи процесот и ќе ја анализира неговата примена.

„Има рок кога треба да се изработат подзаконски акти во кои ќе се дефинира механизмот на правична застапеност, има тело што тоа ќе го следи во рамки на Владата и кога сето тоа ќе се анализира, тоа е целосно уставен процес“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека е особено важно околу ваквите прашања да постои широк политички консензус.

„Најзначајно е сите да имаме политички консензус кога се носат вакви решенија и да го градиме на стабилни темели за да немаме какви било фрикции во иднина, ниту етнички, ни правни“, истакна премиерот.

Опозицијата го политизира прашањето за балансерот

Осврнувајќи се на критиките дека Владата го укинала балансерот како механизам за правична застапеност на етничките заедници, Мицкоски рече дека дел од јавноста и опозициските партии се обидуваат темата да ја политизираат.

„Има необјективна јавност која се обидува тоа да го политизира и радикализира заради политички поени и политичка корист. Тоа не можам да го прифатам“, рече тој.

Премиерот потсети дека токму политичките партии кои денес ја критикуваат Владата, додека биле на власт донеле заклучок дека балансерот ја надминал својата улога.

„Тоа се политички партии во опозиција кои долго беа во Владата и пред неколку години на владина седница донеле заклучок во кој велат дека употребата на балансерот како алатка е завршена, дека го надминала времето и дека треба да се напушти таквиот начин на правична застапеност“, изјави Мицкоски.