Димитровска осомничена за оддавање службена тајна – МНР ќе ѝ го одземе дипломатскиот пасош

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, се наоѓа во фокусот на јавноста поради истрагата за случајот „Адитив“, каде што е осомничена за оддавање службена тајна. Истрагата се продлабочува, а довербата во институцијата се доведува во прашање.

Мерки за претпазливост за Татјана Димитровска во рамки на истрагата за „Адитив“

Како Димиторвска оддавала информации?

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција информира дека Димитровска преку „Ватсап“ и „Вибер“ му доставувала доверливи информации на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ. Пораките биле откриени преку вештачење на мобилниот телефон на Стојановиќ. Судот веќе и изрече мерки за претпазливост – забрана за пристап до документација, предмети, пошта, како и забрана за учество во одлучување и распределба на предмети.

Димитровска е единствената членка на ДКСК која поседува дипломатски пасош издаден од Министерството за надворешни работи. Таа истакна дека пасошот ѝ е неопходен за службени патувања и учество на меѓународни настани. Меѓутоа, другите шест членови на Комисијата, иако поднеле барања, сè уште не добиле одговор од МНР.

Дипломатскиот пасош не обезбедува никаква правна заштита или имунитет – вели Муцунски

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, јасно стави до знаење дека дипломатскиот пасош не обезбедува никаква правна заштита или имунитет. Тој потенцираше дека одземањето на пасошот ќе следи штом на Димитровска ѝ престане функцијата.

  • – Самиот дипломатски пасош не значи имунитет. Кога ќе престане функцијата на тој поединец, МНР ќе го одземе пасошот. И од етички аспект, оставката е логичен чекор – изјави првиот човек на МНР за Димитровска.

Тој додаде дека случајот не треба да влијае на угледот на другите членови на ДКСК, но истакна дека јавноста очекува транспарентност, одговорност и високи морални стандарди од институциите што се борат против корупцијата.