Комуникација меѓу земјите и фокус на летните гужви на границите
Министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски изјави дека земјите од регионот, заедно со Европската Унија и нејзините земји членки, интензивно комуницираат и работат на надминување на проблемот со метежот на граничните премини.
Тој посочи дека проблемот е најизразен во периоди на зголемена фреквенција на патници, особено во летните месеци.
„Ние како земји од регионот комуницираме и заедно со Европската Унија работиме на овој сериозен предизвик“, истакна Муцунски.
Во својата изјава, тој додаде дека забележал обиди темата да се претстави на, како што рече, естраден начин во соседна Србија.
„Забележав и обид темава да се претвори во естрада во соседна Србија, односно естраден пристап, бидејќи се случува голем метеж на граничните премини, особено на копнените“, изјави министерот.
Разговори со ЕУ и очекувани мерки во летниот период
Муцунски потврди дека се водат разговори со повеќе земји, како и во рамки на различни механизми на Европската Унија кои ги опфаќаат земјите од Западен Балкан.
Тој нагласи дека во тек се и техничко-административни и политички консултации.
„Очекуваме во летниот период, кога ќе има периоди на зголемен метеж, да се преземат соодветни мерки“, рече Муцунски.
Воедно, тој посочи дека во овој момент нема официјални конкретни одговори, но дека постои подготвеност за соработка.
„Во овој момент официјално никој нема добиено одговор и затоа не можам ништо конкретно да споделам. Но можам да потврдам дека имаме разговори, и на највисоко ниво и на техничко-административно ниво“, изјави тој.
Според него, постои и подготвеност од дел од земјите членки на Европската Унија да покажат поголема флексибилност кон регионот.
Муцунски оцени дека дел од информациите што се појавуваат во јавноста имаат политички карактер. Тој посочи дека на таквите настапи и коментари треба да се гледа со внимание и претпазливост.
