Музичарите од Прилеп се заканија дека масовно ќе излезат на протести ако во скоро време не се изготват протоколи за работа. Тие дури најавуваат постојана блокада на превојот Плетвар.

Оваа одлука едногласно беше донесена на работниот состанок што се одржа вчера, а на кој присуствуваа 54 музичари.

– Разговаравме за проблемите со кои сме засегнати поради пандемијата. Цела година не работиме и немаме право на егзистенција. Ние сме единствената гранка во општеството која е дискриминирана и нема право да ги остварува своите работни обврски! Ние не бараме парична помош од државата, не сакаме да го оптоваруваме буџетот, ние бараме да се изготват протоколи и мерки за конечно да почнеме да музицираме. Како што се изготвија мерки за дискотеки, казина, кафулиња и ресторани, возможно е и музичарите да работат и егзистираат! Апелираме до музичките здруженија, каде и ние членуваме, да се направи протокол за работа и да се достави до Владата, за што поскоро да почнеме со работа. Во спротивно, масовно ќе излеземе на протести и 24/7 ќе го блокираме превојот Плетвар, пишува во соопштението доставено од музичарите.

Ова следува откако Кризниот штаб на Прилеп побара од Владата да ги заостри мерките на територијата на општината и да воведе полициски час од 19 до пет часот во наредните две-три недели. Прилеп моментално е втор град во државата по бројот на новозаразени, како и град со највисока стапка на смртност од ковид-19.