Премиерот Христијан Мицкоски од ОН порача дека Македонија останува цврсто определена за членство во Европската Унија, и покрај тешкотиите на патот. Тој истовремено нагласи дека државата има сопствена одговорност и дека реформите дома не може да ги префрла на Брисел.
„Нема да се откажеме од европската идеја затоа што европскиот пат беше тежок. Европската Унија за нас останува нашиот природен политички, економски и институционален дом.“
Мицкоски ги наведе владеењето на правото, поефикасните институции, поконкурентната економија и јакнењето на довербата на граѓаните како домашни задачи.
„Тоа е наша одговорност и нема да ја префрлиме на Брисел.“
Но, истовремено побара европската интеграција да остане процес што се темели на заслуги и мерливи критериуми, а билатералните прашања да не ја поместуваат постојано целта.
„Истовремено, очекуваме европската интеграција да остане процес заснован на заслуги и мерливи критериуми — а не процес во кој билатералните прашања постојано можат да ја поместуваат целта.“
Мицкоски нагласи дека земјата не бара ниту полесен пат, ниту пониски стандарди.
„Не бараме полесен пат. Бараме пат уреден со правила. Не бараме пониски стандарди. Бараме стандардите да останат стандарди.“
Според него, ова е важно и за кредибилитетот на самата Европа, чија геополитичка тежина сѐ повеќе ќе зависи од способноста своите заложби да ги претвори во конкретни политички резултати и да остане истрајна во одбраната на вредностите.
Во поширок контекст, Мицкоски порача дека ако од кандидатите се бара исполнување одредени критериуми, исполнувањето мора да води кон напредок, а ако од граѓаните се бара доверба во институциите, тогаш преземените обврски мора да имаат тежина.
„Правилото што важи денес не може утре да биде поинакво само затоа што се променил односот на силите.“
