Во Собранието денеска започна расправата по интерпелација на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од пратеничката група на Левица, поради, како што наведуваат, „несоодветно, непрофесионално и противзаконско работење“.

Левица: „МВР под водство на Тошковски функционира со скандали, пропусти и непотизам“

Интерпелацијата ја образложи пратеникот Сашко Јанчев, кој истакна дека е поднесена врз десет основи, од кои пет се директно поврзани со трагичната несреќа во Кочани, каде загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.

„Министерот Тошковски, наместо да гради доверба помеѓу полицијата и граѓаните, ја злоупотреби својата функција и предизвика низа скандали и кадровски промашувања“, рече Јанчев.

Меѓу причините за интерпелацијата, според Левица, се:

  • Недостаток на надзор врз дискотеката „Пулс“

  • Нелегална употреба на пиротехнички средства

  • Неукажување помош од полицијата при несреќата

  • Непостапување по политички мотивирани закани

  • Злоупотреба на забраната за дронови при протести

Другите основи опфаќаат:

  • Апсење на граѓани во Гостивар кои чистеле црква

  • Непостапување по палењето на македонското знаме

  • Кражбата на марихуана чувана од полицијата

  • Апсење на телохранител на премиерот

  • Катастрофална кадровска политика обележана со непотизам

Тошковски: „Останувам овде, не бегам од одговорност“

Министерот Панче Тошковски во своето обраќање пред пратениците рече дека не бега од одговорност и оти стои зад своите постапки како министер и како човек.

„Жалам за секој изгубен живот. Но, институциите постапуваат по сите случаи, во рамки на законот“, рече Тошковски.

Тој демантираше дека МВР направило пропуст во случајот со дискотеката „Пулс“ и изјави дека лиценцата за објектот била фалсификувана, а за употребата на пиротехнички средства немало ниту барање ниту дозвола.

Министерот се осврна и на другите обвинувања, вклучително и за протестите, кражбата на марихуана во Карбинци, и наводната етничка селективност во полициското постапување. Според него, дел од обвинувањата се „политички конструкции“ на структури од ДУИ и СДСМ, насочени кон дестабилизација.

„Секој ден од оваа институција ќе биде заложба вашата болка да не остане само нем сведок на незаборавот“, додаде Тошковски.

Претходна интерпелација – иста мета, ист повод

Повторно се жалат дека се дискриминирани: Европскиот фронт поднесува интерпелација за Меџити, Тошкоски, Исени и Стојковиќ

Ова е втора интерпелација против Тошковски во последните месеци. Претходната беше поднесена во јануари од страна на Европскиот фронт предводен од ДУИ, кога истовремено беа предложени интерпелации и за уште четворица министри од владата.