Неделата останува неработен ден за сите граѓани во државата. Владата се противи на каков било обид за укинување на овој статус, што досега беше јасно нагласено во повеќе наврати, потврди министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Одговарајќи на пратеничко прашање од Борче Цветков од редовите на СДСМ, Дурмиши истакна дека извршната власт цврсто стои на ставот против одземање на ова право на работниците. Тој објасни дека евентуалните барања и иницијативи што би пристигнале од бизнис-секторот можат да се разгледуваат исклучиво на соодветно институционално ниво.
„Кога и да е да се отвори како тема, ќе се дискутира. Но, недела да се тргне како неработен ден – сме против тоа, сме кажале неколку пати, значи недела останува неработен ден за сите граѓани. Ако едно такво барање, дојде од Стопанската комора, секако дека ќе се отвори во Економско-социјалниот совет и ќе се расправа. Таму има 12 членови и секој ќе искаже нивен став. Нашиот став како министерство е дека недела останува неработен ден, освен во некои сектори каде во недела имаат потреба да работат, но недела е неработен ден за сите граѓани“, изјави Дурмиши.
Министерот подвлече дека изминатите две и пол години институциите не поништиле ниту едно претходно остварено работничко право. Напротив, фокусот бил ставен врз унапредување на работните услови и континуирано зголемување на примањата во бројни дејности.
„Ниту едно право коешто е постигнато за вработените не е укинато. Тие права коишто се постигнати во нашата земја, било да е во јавниот или приватниот сектор, ние сме ги почитувале тие права и сме оделе уште подалеку да нивните права да се почитуваат уште повеќе и нивните услови да се подобруваат и нивните плати да се зголемуваат“, изјави Дурмиши.
Тој појасни дека исклучоци за работни активности во неделен ден може да постојат исклучиво во одредени стопански гранки каде што работниот процес мора да се одвива континуирано или постојат зголемени потреби, но темелниот принцип останува непроменет за целото општество.
На прашањето дали износот од две минимални плати може да ги задоволи потребите на едно четиричлено семејство, Дурмиши посочи дека минималната плата не треба методички да се става во релација со просечната потрошувачка кошница, туку реалниот параметар мора да биде просечната заработувачка.
Според неговите зборови, со оглед на тоа што самата пресметка на потрошувачката кошница се заснова врз просечни параметри, таа пресметка треба да се компарира со примања од две просечни плати на ниво на домаќинство.
„Не може да гледаме дали две минимални плати се доволни за една просечна потрошувачка кошница, бидејќи таа е просечна. Треба да ги земаме предвид две просечни плати и дали тие можат да ја покријат просечната потрошувачка кошница“, изјави Дурмиши.
