Шест дена по посетата на Гордана Силјановска Давкова во Софија средбата со претседателот Радев се уште ја бранува јавноста.
Бугарските политичари бараат оставка од вицепремиерот Николоски
Утрово дел од бугарските политичари меѓу кои и поранешниот премиер Бојко Борисов бараат оставка од министерот Александар Николоски заради неговата изјава каде ја осуди Бугарија за изоставеното македонско знаме при средбата во Софија меѓу Силјановска Давкова и Радев.
Претходно, освен вицепремиерот Николоски, ваквиот чин го осудија и премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
На ваквите изјави се огласи бугарската страна која се обедини против вицепремиреот Николоски. Поранешниот премиер Бојно Борисов побара Николоски да си даде оставка, а најбрутален беше Слави Трифонов којшто вели го нарече Николоски мизерен.
„Вие постоите затоа што Бугарија постои 1.300 години, не сме ние мизерни, туку ти си“, рече Трифонов и повторно ја зголеми тензијата меѓу двете држави.
Николоски одговори на бугарските политичари
По многуте преписки на релација Скопје – Софија, повторно се огласи вицепремиерот Александар Николоски. Тој внесувањето на Македонија во предизборието го оцени како одраз на политичката криза во Бугарија. Николоски вели дека во отсуство на одговори за високиот криминал и корупција бугарските политичари се занимаваат со Македонија.
Нивното оптоварување со Македонија покажува дека ниту сакаат добрососедство, ниту сакаат Македонија да стане член на Европската Унија. Уште помалку сакаат ние да напредуваме во ЕУ, потенцира вицепремиерот Николоски.
Николоски додава дека бугарските политичари ја користат Македонија како предизборна тема.
Нема оправдание за Радев затоа што не го стави македонското знаме при посетата на претседателката, додава тој.
Нема дискусија за македонското национално прашање
Николоски вели дека нема дискусија за македонското национално прашање. Тој е дециден дека Македонија е посебна држава, а Македонците се посебен народ кој зборува раазличен јазик од бугарскиот, а тоа е македонски јазик.
За крај тој поставува прашање до бугарските политичари кои бараат оставка од него, алудирајќи пред се на Бојко Борисов.
Од мене бараат оставка политичари кои што се обвинети за криминал и корупција, некои кои што гледаме на слики како спијат на кревет покрај пачки со злато и стотици илјади евра во девизи. Такви ли политичари ќе бараат оставка од мене? Извинете господа, пишува Николоски и дополнува дека не се достојни да бараат оставка од него.
Николоски заклучува дека сака добрососедски односи, но тоа не смее по цена да се нарушува македонското достоинство.