Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, денеска при посета на Ѓорче Петров на средби со граѓани, одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот коментар за најавите на Али Ахмети дека ДУИ станува зелена партија, рече дека во недостиг на проекти и идеи, владејачката коалиција СДСМ-ДУИ се занимава со ПИ-ар алатки, како и дека ДУИ се враќа на корените односно како што истакна тој ДУИ и така стартувала во 2001 година како зелена партија од горите и планините на Македонија.

-Очигледно е дека во недостаток на свежи идеи на владејачката коалиција СДСМ – ДУИ единственото што се занимаваат се ПИ-ар алатки, односно три дена водат во стилот на оние познати кампањи на големи мултинационални компании кога нешто најавуваат, кога сите очекуваат што ќе е тоа, па нели билборди без текст се ставаа во градот само со одредена боја, па после тоа имаше еден збор итн. Видени финти, нема друг збор освен финти. Видени финти кои што не поминуваат кај гласачите, вели Николоски.

Според Николоски, очигледно е дека ДУИ веќе нема свежи идеи што да понуди на граѓаните, потоната во сопствените проблеми, во криминалот и корупцијата.

-Второ, ДУИ си се враќа на корените, имено тие стартуваа некаде во 2001 година токму како зелена партија од горите и планините на Македонија, така што очигледно се враќаат на корените, изјави Николоски.