Црна Гора денеска на Меѓувладината конференција во Луксембург ќе затвори три поглавја во преговорите за членство во Европската Унија, наместо претходно најавените две, соопшти вицепремиерот за надворешни и европски прашања Филип Ивановиќ.

Покрај Поглавјето 18, за статистика, и Поглавјето 19, за социјална политика и вработување, можно е да биде затворено и Поглавјето 17, за економска и монетарна политика. Ивановиќ не прецизираше кое е третото поглавје.

„Одлични вести за европската интеграција на Црна Гора – наместо најавените две, денеска на Меѓувладината конференција ќе бидат затворени три поглавја! За разлика од политичките актери кои делумно гласаат за европските закони, одбиваат да ги поддржат неопходните уставни измени и се обидуваат на секој начин да го забават европскиот пат, Владата ја врши својата работа одговорно и посветено“, напиша Ивановиќ на платформата Икс.

Советот на ЕУ претходно најави дека на конференцијата се планира затворање на Поглавјето 18 и Поглавјето 19.

Пратеникот и потпретседател на Демократската партија на социјалистите, Иван Вуковиќ, претходно изјави дека Црна Гора би можела да го затвори и Поглавјето 17, ако една земја членка на ЕУ даде согласност во текот на денот.