Нов закон во Хрватска за заштита на работниците

Преку нов закон во Хрватска странските работници повеќе нема да смеат да имаат пониска плата од хрватските. Оваа регулатива е дел од новиот закон, кој има цел да обезбеди еднаквост на платите меѓу домашните и странските работници.

“Со овие измени, законот се усогласува со европското законодавство. Сакаме подобро и посистематски да ја регулираме правната рамка за да можеме на правилен начин да реагираме на зголемениот број странски работници што доаѓаат во Хрватска”, изјави премиерот Андреј Пленковиќ.

Тој додаде дека со законот ќе се регулира статусот и заштитата на странските работници, како и надзорот на агенциите што посредуваат при нивното вработување во Хрватска.

Значителен пораст на барања за дозволи за престој и работа

Во 2024 година поднесени се 286.000 барања за дозволи за престој и работа, што претставува пораст од 22% во однос на 2023 година. Вкупно, издадени се 206.529 одобренија, што е дури 210% повеќе во споредба со 2020 година, кога биле одобрени 66.655 дозволи.

Најзастапени сектори со странски работници

Најголем дел од дозволите се издадени за следните сектори:

  • Градежништво
  • Туризам и угостителство
  • Индустрија
  • Транспорт и врски
  • Трговија

Од вкупниот број дозволи:

  • 132.000 се за нови вработувања
  • 57.000 се за продолжување на дозволите
  • 17.500 се за сезонски работници, најчесто во туризмот и угостителството

Држави со најмногу издадени дозволи

Во 2024 година, најголем број дозволи за престој и работа се издадени на државјани на:

  • Босна и Херцеговина – 38.100
  • Непал – 35.635
  • Србија – речиси 28.000
  • Индија – 20.000
  • Филипини – 14.600
  • Македонија – нешто помалку од 14.000
  • Узбекистан – 7.000
  • Египет – 7.000

Македонските работници во Хрватска

Голем број македонски работници, особено студенти, заминуваат во Хрватска за работа во текот на летниот период. Некои од нив решаваат да останат на подолг рок, особено на хрватското крајбрежје, каде што туризмот бара поголем број сезонски работници. Повеќе за Македонците кои работат во Хрватска може да погледнете во продолжение:

13.412 Македонци со работни дозволи во Хрватска

Ваквиот нов закон во Хрватска отвора нови прашања за голем број сезонски работници од нашата држава во Хрватска.