Во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје денеска ќе се одржи свечена промоција на новите офицери кои успешно го завршиле образованието и обуката во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.

На свеченоста ќе бидат произведени во чин потпоручник питомците од 26. класа, а ќе бидат промовирани и слушателите кои успешно го завршиле курсот за офицери и ќе го добијат чинот поручник.

Како што информира Министерството за одбрана, на настанот пред присутните ќе се обратат министерот за одбрана Владо Мисајловски и деканот на Воената академија, полковник Ненад Танески.

На свечената промоција се очекува присуство на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, министрите Борко Ристовски и Стефан Андоновски, командантот на Командата за обука и доктрини, бригаден генерал Лулзим Нуредини, како и претставници на воено-дипломатскиот кор од Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Меѓу гостите ќе бидат и претставници на локалната самоуправа, Министерството за одбрана и Армијата.