Првите пратки од новата транша од американската воена помош за Украина се веќе на границите на земјата и ќе бидат предадени на украинската војска, изјави денеска висок претставник на Пентагон.
„Четири авиони со разновидна опрема пристигнаа во регионот од САД вчера“, изјави неименуван официјален претставник, најавувајќи пристигнување на петтиот авион во следните 24 часа, откако претседателот Џо Бајден во средата најави нова воена помош од 800 милиони долари.
Американски воени експерти се распоредени на источното крило на НАТО од почетокот на руската инвазија на Украина и наскоро ќе почнат да ги обучуваат украинските војници како да го користат артилерискиот систем М777 Хаубицер, изјави претставник на американското Министерство за одбрана.
Станува збор за најновата генерација на артилериско оружје што САД за првпат одлучија да и го предадат на украинската армија.
Американски експерти претходно обучуваа украински војници во САД како да го користат дронот Свичблејд.