Новите членки на Европската Унија по приемот треба да се откажат од правото на вето на одлуките што во Унијата се носат со консензус, а постои и можност да им бидат ускратени финансиски средства доколку назадуваат во областа на владеењето на правото или ги загрозуваат интересите на Унијата, пишува берлинскиот портал „Table.media“, повикувајќи се на предлогот за реформа на процесот на проширување на ЕУ во кој имал увид.
Порталот пишува дека, според нацртот на реформата, аранжманот со кој нова членка на ЕУ би се откажала од правото на вето на одреден период би можел да има форма на декларација што би го придружувала договорот за членство.
Дел од реформата се и дополнителни заштитни механизми што би се применувале кон новите членки на ЕУ кои покажуваат сериозно назадување, пишува „Table.media“. Со овој механизам, ЕУ би имала право во ограничен период да ѝ ускрати финансиски средства на новата членка.
Причина за тоа би биле „недвосмислени показатели или сериозен ризик“ дека постојат недостатоци во владеењето на правото, кршење на заедничките вредности на ЕУ, несоодветно управување со средствата на ЕУ и загрозување на нејзините финансиски интереси, пишува порталот.
Во нацртот на реформите е предвидена и можност Европската комисија да предложи на новата членка на ЕУ привремено да ѝ биде суспендирано учеството во одлучувањето во Европскиот совет и Советот на ЕУ, односно конкретно се наведува одземање на правото на глас, пишува „Table.media“.
Нацртот на реформите го подготви еврокомесарката за проширување Марта Кос, а во него се наведува дека поголема ЕУ бара и побрзо и поефикасно одлучување. Кос планира нацртот, насловен „Анализа на политиките пред проширувањето“, да го претстави на 30 септември.
Во рамките на чекорите за забрзување на одлучувањето во нова, потенцијално значително поголема ЕУ, предвидено е кога е можно, наместо со консензус, одлуките да се носат со квалификувано мнозинство.
Се додава дека наједноставен начин за тоа е користењето на таканаречените премостувачки клаузули („пасарела“), односно користење можност за пофлексибилно одлучување без измена на Договорот за функционирање на ЕУ, кој предвидува задолжително едногласно одлучување во надворешната и безбедносната политика и во одредени финансиски прашања.
Во нацртот се наведува дека тоа би ја зајакнало способноста на ЕУ да одговори на стратешките предизвици, вклучително и на прашања како воведување санкции, човекови права, заедничка безбедност и одбрана.
Сепак, и во овој случај би била вградена „рачна сопирачка“, која предвидува можност некоја членка спорното прашање да го упати до Европскиот совет. Се споменува и механизмот од Јањина, кој го утврдува процентуалниот удел во вкупното население на ЕУ, како и уделот во бројот на членки на ЕУ, потребен за блокирање на одредена одлука.
Комисијата сака да ги подготви и главните институции на ЕУ за нова, поголема Унија. Еден од предлозите е бројот на членови на Европската комисија да се намали на две третини од бројот на земјите членки, што би значело дека, како досега, секоја земја нема да има свој еврокомесар.
Европскиот совет би требало да усвои систем на ротација што ќе ја одразува демографската и географската разновидност. За Европскиот парламент, кој сега има 720 пратеници, Марта Кос смета дека има капацитет да прими и поголем број пратеници, но оценува дека тоа нема да биде така засекогаш.
„Table.media“ пишува дека Европската комисија првично планирала предлогот за реформа на ЕУ да го претстави уште пред една година, но доцни поради „деликатното балансирање меѓу загриженоста на сегашните земји членки и чувствителноста на потенцијалните идни членки“.
Се очекува претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во говорот за состојбата на Унијата, в среда, 16 септември, да се осврне и на прашањето како ЕУ треба да се подготви за новите земји членки, 13 години по последното проширување. Проширувањето ќе биде тема и на октомврискиот самит на ЕУ, кога се очекуваат и извештаи за напредокот на земјите кандидати на европскиот пат, пишува „Table.media“.
