Одлуката на грчката Влада стапува денеска во сила, ќе важи до 31 август, а се однесува исклучиво на затворените делови и на конкретните објекти, во кои дозволено е само седење.
Внатрешните делови на местата за забава, ноќните клубови, рестораните, кината, театрите ќе работат со 85 отсто од капацитетот, а за надворешните простори постои можност сопствениците да одберат дали ќе бидат „Covid free“ или мешани, односно и за вакцинирани и за невакцинирани, додека пак стоењето ќе биде забрането и на отворено и на затворено.
-Оваа година летото, ќе биде лето на седнати, знам дека ова за многу изгледа апсурдно и тешко, но вирусот и пандемијата не ни оставаат простор да си играме со ова прашање, истакна во вторникот министерот за развој и инвестиции на Грција Адонис Георгиадис и објасни дека поголемиот дел од позитивните случаи на Ковид-19 од изминатиот период се од забави и танцувања во ноќните клубови и кафулињата.
Иако првично, пред две седмици беше најавено дека внатрешните делови ќе бидат по избор на сопствениците или „мешани“ или „чисти“, сепак Георгиадис објасни дека тогаш бројот на новозаразени беше околу 500, со надолен тренд, за разлика од сега кога бројот на нови случаи континуирано се зголемува, па затоа било одлучено, на затворено да биде дозволен влез само за вакцинирани.
Веќе се објавени и достапни и специјалните знаци што ќе покажуваат дека станува збор за „Covid free“ простори, а дополнително во приватниот и јавен сектор доколку персоналот е целосно вакциниран, постои дополнителен знак што може да биде поставен.