Информацијата вчера ја објави премиерот Зоран Заев кој во Атина учествуваше на Економскиот форим Делфи, каде се сретна со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис кој му ја потврдил информацијата.

– Имавме одлична работна средба со премиерот на Грција, Мицотакис. Ме извести дека почнувајќи од утре, 14 мај 2021, се отвора граничниот премин „Евзони“ за сите граѓани на Северна Македонија кои имаат негативен ПЦР тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против КОВИД-19 или позитивен резултат за антитела, напиша Заев вчера на „Фејсбук“.

Границите на Грција, веќе една година се затворени за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани. Одлуката беше воведена лани, за време на првиот карантин во март, а оттогаш се продолжува на секои две седмици. Прекуграничните поминувања беа само за одредени категории граѓани.