Електронската регистрација за патници без визи е поместена по проблемите со воведувањето на новиот граничен систем
Воведувањето на Европскиот систем за информации и авторизација на патувања (ETIAS) најверојатно ќе биде одложено до 2027 година, откако проблемите со новиот електронски систем за гранични проверки создадоа тешкотии при патувањето во Европската Унија.
Како што пишува „Фајненшл тајмс“, агенцијата EU-Lisa, која е задолжена за спроведување на системот ETIAS, признала дека планираното активирање до крајот на оваа година веќе не е реално.
Според извори запознаени со процесот, воведувањето на системот е отежнато поради компликациите со другата дигитална алатка за гранични проверки.
Патниците без визи ќе мора да се регистрираат
Преку ETIAS, граѓаните на земји на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ, меѓу кои се и патници од Велика Британија и САД, ќе треба однапред да се регистрираат пред патувањето.
Системот е креиран по примерот на американскиот ESTA систем. Апликантите ќе плаќаат такса од 20 евра и ќе поминуваат низ безбедносни проверки пред да добијат одобрение за патување.
Новата процедура треба да овозможи подобра контрола на влезот во Шенген-зоната и поголема безбедност на надворешните граници на ЕУ.
