Првата група навивачи на хрватскиот Динамо беше ослободена денеска од грчки затвор, каде што беа под истрага од август за учество во судир навивачите на атински АЕК, во кој беше убиено едно момче, пренесуваат хрватските медиуми.
Грчките правосудни органи во петокот донесоа одлука за ослободување со кауција за 30 членови на „Бед Блу Бојс“ (БББ), озогласената навивачка група на Динамо Загреб, со забрана за влез во Грција и присуство на спортски настани и кауција од 1.000 евра за секој.
Неофицијално се дознава дека се работи за дваесеттина навивачи, јавува HRT .
Членовите на БББ од август се во истражен затвор поради учество во конфликт со навивачи на грчкиот клуб АЕК, во кој загина еден навивач на атинскиот клуб. Хрватските навивачи очекуваа ослободување во 14 затвори низ Грција.
Последните денови сите осомничени биле завршно сослушани во грчките судови и ја негирале вина. Грчките медиуми објавија дека биле поднесени околу 95 барања за ослободување.
Хрватскиот министер за правда и администрација, Иван Маленица, во петокот за HTV изјави дека верува оти сите хрватски граѓани треба да дојдат во Хрватска до католички Божик, односно 25-ти декември.