Јунскиот самит на лидерите на земјите членки на ЕУ е фокусот на дипломатските и политичките напори на Скопје да обезбеди поддршка од Софија за одржување на првата меѓувладина конференција и формален старт на пристапните преговори. Во прилог одат и заедничкото патување и посета на Рим и Ватикан на претседателите на двете земји Стево Пендаровски и Румен Радев минатата недела, како и најавените погранични средби кои оваа седмица треба да ги одржат премиерите и министрите за надворешни работи во контекст на бугарска донација за вакцини против Ковид-19.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи очекува во наредните денови да има таква средба и на ниво на премиери и на ниво на министри со цел да се договори една динамика да може да се адресираат прашањата коишто ја засегаат бугарската страна, а се во рамки и на предлогот на Португалското претседателство. Тој останува на ставот дека јуни ќе биде клучен за процесот, независно што, вели, не сака да ги подига очекувањата на граѓаните.
– Тоа е комплексен процес којшто не зависи веќе од нас. Нашето е до исполнување на критериумите. Критериумите се исполнети сега очигледно процесот зависи од многу динамики во земјите членки, но нашиот ментален пристап, нашиот работен пристап е да работиме за јуни како да е единствена шанса за изнаоѓање на решение, иако имам лично чувство дека во наредните две години, јуни е најдобрата шанса. Овие две недели ќе имаме контакти на политичко ниво, потоа на дипломатско ниво, да се обидеме да ги адресираме прашањата коишто се појавија како пречка во овој период, образложи Османи.
Околу тековните контакти со Бугарија, смета оти главна тема не се идентитетските прашања, туку е патоказот којшто ќе создаде предвидливост во имплеметацијата за Договорот за пријателство, кој што вели за нас е прифатливо решение.
– Патоказот е за нас прифатливо решение кое што ќе ја создаде таа предвидливост. Сме го разговарале тој акциски план во неколку наврати во делот на секторската соработка, меѓутоа мислам дека е повеќе обврска на земјите-членки да кажат каде ќе биде ставен тој патоказ и дали ќе го заштитат европскиот процес како таков, отколку што е само наша обврска. Така што тој дел од бремето мислам дека паѓа на земјите-членки, а наше е да работиме тој акциски план да се дефинира што побрзо, рече Османи.
Тој посочува дека португалскиот предлог е креативно решение коешто ги адресира сензитивностите на сите три страни. Нашата позиција, бугарската и на земјите членки, бидејќи очигледно и земјите членки, вели, имаат став по однос на тоа каков ќе биде преговарачкиот процес.
-Тоа што ќе се постави како модел со нас, утре ќе направи преседан и за другите земји-кандидати и земји во регионот. Тоа може да отвори големи проблеми имајќи предвид колку билатерални прашања има во регионот и оттука е интересот на земјите-членки, можеби не само заради нас, туку и заради самиот процес, да го заштитат, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера на прес-конференција, на која го презентираше проектот МКарта.
Премиерот Зоран Заев очекува првата средба со неговиот бугарски колега, претседателот на Техничката влада на Бугарија Стефан Јанев да ја има на пограничен премин оваа недела, на која верува, дека ќе договорат следна средба со Јанев, како и средба на министрите за надворешни работи, за да работат на деталите на решението.
–Конекциите постојат. Секако, уште еднаш нашата замолница и целиот наш фокус е кон Бугарија со сите нивни институции, пред се претседателот на Бугарија господинот Радев, но и премиерот Стефан Јанев, но и министерот за надворешни работи, Парламентот и сите институции се надеваме дека навистина во јуни ќе дадат поддршка да го направиме следниот чекор во интегративните процеси на СМакедонија, рече премиерот Заев по презентацијата на Интервентниот план за инвестиции ИПИ 2021-2027 во Владата.
Амбасадорката на Хрватска во земјава Нивес Тигањ, во интервју за МИА порача дека Скопје заслужи почеток на преговорите и посакува тоа да се случи уште за време на португалското претседателство.
-Се. Македонија спроведе бројни реформи, од кои некои навистина беа и болни. Затоа сметаме дека Северна Македонија заслужува отворање преговори колку што е можно побрзо. Би сакале тоа да се случи уште за време на португалското претседателство – да се одржи првата меѓувладина конференција, односно формалниот почеток на пристапните преговори, изјави Тигањ.
Таа за МИА вели дека Хрватска го поттикнува и поддржува дијалогот меѓу С. Македонија и Бугарија за изнаоѓање решение, но и дека е потребно и продолжување на реформскиот процес, со консензус на сите политички сили во државата.
– Тоа е многу важно, бидејќи таквиот пристап ја потврдува посветеноста на вашата земја за вашата стратегиска цел, а тоа е членство во Европската Унија. И Хрватска имаше билатерална пречка на својот евроинтеграциски пат, па морам да кажам дека апсолутно имавме еден политички консензус, сите политички субјекти во државата имаа јасна цел и јасно определување за членство во Европската Унија, вели хрватската амбасадорка во интервјуто за МИА.