Митрополитот Повардарски Агатангел упати остри критики кон одредени политичари и медиумски работници поради постојаните напади врз црквата. Тој посочи дека таквите дејствија претставуваат обид за внесување вештачки поделби и немир кај народот.
Владиката упати директен апел да се престане со дејствувањата насочени против угледот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Во своето гостување тој подвлече дека љубовта кон татковината и црквата бара искреност и духовна посветеност, а не лични или материјални интереси.
„Навистина е жалосно што ова доаѓа од човек за кој не знам и дали влегол во црква, дали знае да се прекрсти, човек кој нудеше пари за да се промени името, човек кој цел живот манипулира со македонскиот народ, секоја чест на неговата интелигенција и за неговата професија, но со разумот не можеш да сакаш. Се сака само со срцето. Прво го сакаме Христа со срцето, па потоа размислуваме со разумот, и созерцаваме со разумот. Да ја љубиш Македонија, не можеш со разум да ја љубиш, мора со срце да ја љубиш. И сите ние кои опстануваме на овие македонски простори, и ние од црквата и верниот македонски народ, оваа наша света македонска земја, опстануваме од љубов кон Бога, кон црквата и кон нашата самобитност, кон нашата нација. Ние сме народ македонски, оваа македонска земја нема педа, нема камен каде не е пролеана македонската крв. Нашите предци, нашите илинденци, нашите востаници, нашите партизани оставиле се’, мајка, татко, ги оставије жената и децата, ја земаа пушката и појдоа да се борат за слобода. Од таа слобода произлезе и обновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Ние опстојавме 60 години и еве даде Бог, некој не’ признава, некој не не’ признава, на тие што не’ признаваат им благодариме и се молиме за нив, а се молиме и за оние што не не’ признаваат“, посочи митрополитот од МПЦ-ОА.
Митрополитот повика на совест и одговорност, предупредувајќи на духовните последици од постојаното оцрнување на црковните институции.
„И затоа некои, не само господинот Фрчкоски, има и други луѓе од вашата бранша кои постојано напаѓаат, постојано не понижуваат и притоа самите себе се понижуваат, јас мислам дека тие луѓе немаат сон, не се спокојни, совеста постојано им е нечиста и ги молам да престанат, да престанат да го тероризираат народот“, побара тој.
Одговарајќи на прашањето за причините зад ваквото однесување, владиката посочи дека зад нападите стојат скриени материјални мотиви.
„Го прават тоа затоа што имаат некој финансиски интерес, зошто поинаку некој би го правеле тоа, да се понижува себеси, таткото, мајката, бабата, дедото и предците негови и да бара нешто што не е возможно“, објаснува владиката Агатангел.
Тој порача дека сите обиди за рушење на националниот дух ќе останат залудни бидејќи народот цврсто опстојува на овие простори. Владиката нагласи дека има целосна доверба во актуелната влада за која истакна дека посветено работи на консолидација на државата и заштита на националните интереси.
