Србија се соочи со нова пречка на патот кон членство во Европската Унија. На денешниот состанок на амбасадорите во Брисел не бил постигнат договор за понатамошните чекори во пристапниот процес.

Според три дипломатски извори од ЕУ на кои се повикува „Еуроњуз“, осум од вкупно 27 земји-членки се спротивставиле на отворањето ново поглавје во преговорите со Србија. Станува збор за Кластер 3, кој се однесува на конкурентноста и инклузивниот раст.

Против отворањето на Кластер 3 биле Холандија, Шведска, Финска, Белгија, Естонија, Литванија, Бугарија и Хрватска. Данска, Луксембург и Латвија покажале резерви, но не изразиле директно противење.

Од друга страна, Франција се издвојува меѓу земјите што го поддржуваат продолжувањето на пристапниот процес на Србија. Францускиот претседател Емануел Макрон претходно изјави дека на Европската Унија ѝ е потребна „силна и демократска Србија“.

Земјите што се за продолжување на преговорите изразиле загриженост од можноста Србија дополнително да се отуѓи од ЕУ. Тие предупредиле и на недостиг од награда за реформите што Белград ги спровел.

Србија официјално поднесе апликација за членство во ЕУ во 2009 година, а кандидатски статус доби во 2012 година. Оттогаш се отворени 22 поглавја, од кои две се привремено затворени.

За отворање и затворање на преговарачките кластери, односно тематските целини што опфаќаат правни и политички области, потребна е едногласна поддршка од сите 27 земји-членки на ЕУ.

Поранешната српска премиерка Ана Брнабиќ остро ги отфрли тврдењата дека Србија е проруска земја. Таа за „Еуроњуз“ изјави дека Србија ја поддржува Украина од почетокот на руската инвазија и ги осуди, како што рече, „двојните стандарди“ во процесот на пристапување во ЕУ.

Портпаролот на Европската комисија во понеделникот изјави дека до земјите-членки бил дистрибуиран документ во кој се објаснува зошто извршната власт на ЕУ смета дека „неодамнешните чекори“ на српските власти го оправдуваат отворањето на Кластер 3.

Во документот, кој го видел „Еуроњуз“, се наведува дека Србија исполнила значајни обврски преземени како одговор на загриженоста на земјите-членки. Меѓу нив се повлекувањето на контроверзните измени на законите за судството, како и напредокот во слободата на медиумите, изборната рамка и соработката со ЕУ во надворешната и безбедносната политика.

Иако Србија сè уште не ги почитува санкциите на ЕУ против Русија, Европската комисија забележала дека Белград соработувал во борбата против заобиколувањето на санкциите, обезбедил значителна поддршка за Украина и ги зголемил политичките контакти на високо ниво со Киев.

Сепак, во документот се признава дека работата не е завршена и дека е потребен дополнителен напредок во судската и обвинителската реформа.

Денешната средба во Брисел требало да покаже дали земјите-членки ја делат позитивната оценка на Европската комисија. Еден дипломат на ЕУ за „Еуроњуз“, под услов да остане анонимен, изјавил дека противењето на осумте земји се темели на „проблематични“ прашања поврзани со владеењето на правото во Србија и со „непочитувањето на санкциите“.