Претседателот на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ Александар Пандов, во своето гостување во емисијата „Само вистина” на Канал 5 го коментираше отчетот на премиерот Димитар Ковачевски за сто дена влада. Пандов рече дека тоа се сто дена испреплетени со порази и падови, нема ниту еден основ по кој оваа влада може да се пофали и дека токму затоа потребни се итни брзи предвремени избори.

– Јас апсолутно не се согласувам дека 100 дена се мал период. Имено, кога Димитар Ковачевски дошол на чело на владата знаел што наследува и кого наследува. За жал, сиромашкиот не беше во можност не знам што да бира, нему му се наметнати и Славјанка, Оливер Спасовски, Љупче Путерот Николовски, Маричиќ и факт е дека со тие луѓе не може да се направи реформи ниту било што да се мрдне затоа што тие веќе години наназад имале министерски места. Факт е дека директорските места дали во ЕЛЕМ или ви било кои поголеми институции веќе биле има премногу мал маневарски простор, командата и натаму е во Зоран Заев затоа што тој си ги има избрано пратениците, а таму е моќта, конците ги влече Зоран Заев, рече Пандов.

Тој додаде дека коалициониот партнер ДУИ кој 20 години практицира власт онака како што сака, без ниту еден осуден функционер од нивните редови, но тоа не е изговор и кога не оди треба човек да се повлече.

– Нема изговори кога гледаше дека по секој основ Македонија оди наназад, ако назадуваме во било кое поле, ако Македонија нема едно поле на кое што може да се пофали и во таква ситуација чесно и поштено е да речеш „луѓе, еве ми помина меракот, ќе кажам на внуци сум бил премиер, сум бил претседател на партија, не можам”. Дополнително што говориме за човек кој доаѓа од бизнис секторот и е политички неписмен, додаде Пандов.