Денеска Албанците одат на избори, кои се сметаат за најважни во последните десет години. Главната битка се води помеѓу Еди Рама и неговите социјалисти од една страна и Љуљзим Баша и демократите од друга страна.
Околу 3,6 милиони гласачи имаат право на глас на изборите, а 140 пратеници се избираат во парламентот, во кој сега доминира партијата на Рама (ПС). Анкетите велат дека со приближувањето на денот на гласањето, процентите на опозицијата растат. Според најновото истражување спроведено од компанијата „Smith Research & Consulting“, Демократската партија (ПД) има предност – 46,1 процент во споредба со 42,4.
Се чини дека анкетите не го загрижуваат Рама и дека тој е сосема сигурен во победата. Пред неколку дена, тој изјави дека ако неговата партија не освои 71 место, тој нема да формира „влада од сожалување“. Од друга страна, Баша веќе потпиша договор за предизборна коалиција со Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), со кој планира да формира влада по изборите.