Пендаровски посакува добро здравје, мир, хармонија и среќа.
– Нека светлината на овој празник се всели во срцата и во домовите на сите верници, исполнувајќи ги со верба и со надеж за истрајување во сите искушенија и предизвици. Повеќе од една година целото човештво се соочува со пандемијата со Ковид-19 која предизвикува страв и вознемиреност. Нашето секојдневие е променето и долгиот период на неспокој и на социјално дистанцирање остава дополнителни последици. Да не дозволиме да нè надвладеат апатијата и малодушноста, и да го зачуваме оптимизмот и да ја негуваме духовноста. Токму Велигден е празникот на надежта, кој ги слави животот и Христовата победа над смртта. Се надевам дека и годинава овој голем празник ќе биде инспирација да се издигнеме над сите премрежија и неволји. Сплотени, солидарни и одговорни да ги надминеме страдањето и стравот, и да излеземе како победници во борбата со подмолниот вирус. Нека е за многу години големиот празник, вели во празничната честитка претседателот Пендаровски.