На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателот Пендаровски, беше изразено задоволство од севкупна билатерална соработка меѓу државава и САД, особено во сферата на одбраната.
Претседателот Пендаровски истакна дека САД се клучен сојузник и поддржувач на нашата држава од нејзината независност и дека Северна Македонија особено ги цени односите со САД, како нејзин стратешки партнер. Членството во НАТО, истакна претседателот Пендаровски, дава дополнителна можност за зајакнување на партнерството.
Пендаровски посочи на долгогодишната посветеност на земјава и нејзината Армија, преку континуирана соработка со САД да дава придонес во меѓународните мировни операции, вклучувајќи ги реализираните мисии во Ирак и во Авганистан.
На средбата претседателот Пендаровски се заблагодари за севкупниот придонес на САД во модернизацијата и опремувањето на Армијата, како и во обука и едукација на нејзините припадници.
Претседателот Пендаровски ги реафирмираше своите заложби за континуирано зголемување на буџетот во одбраната, до исполнување за зацртаната цел до 2024 година – најмалку 2 отсто од БДП да се инвестираат во модернизацијата и развојот на Армијата.
Пред соговорникот претседателот Пендаровски презентираше дел од постигнатите достигнувања и развојот на воените способности на Армијата, согласно потребите што произлегуваат од членството во НАТО.
На средбата, како што се наведува, беа разменети информации за текот на мултинационалната вежба „Одлучен удар 21”, што се одржува на армискиот полигон „Криволак“. Претседателот Пендаровски истакна дека со реализацијата на вежбата Армијата уште еднаш ја докажува својата подготвеност да дејствува координирано со нашите сојузници.