Потсетува дека и пред неполни две години граѓаните јасно го кажаа својот став кога беше најавена изградба на депонија за индустриски отпад, и вели дека сега е кристално јасно зошто не се одржал Референдумот за кој граѓаните ги собраа потребните потписи, со цел да се стави забрана за влез на загадувачка индустрија во Неготино.
-По повод најавата за „стратешка инвестиција“ преку изградба на фабрика за преработка и согорување на комунален отпад на територијата на општина Неготино од страна на Премиерот и локалните власти во Неготино, ВМРО-ДПМНЕ има мошне јасен и прецизен став: Категорично НЕ за изградба на било каква фабрика за согорување на комунален отпад во општина Неготино! Последниве две години од мандатот на градоначалникот Тони Делков, повеќе од очигледно е дека жителите на Општина Неготино живеат под закана од загрозување на нивниот живот, како и загрозување на целиот растителен и животински свет. Оваа закана произлегува од катастрофата наречена Локална власт во Неготино, која помеѓу здравјето на сопствените граѓани и профитот, одбра да му робува на профитот, наведува пратеникот.
Вели дека во изминатиот период постојано се повторуваат зборовите ЃУБРЕ, ДЕПОНИИ, ОТПАД… Потенцира дека во општината мора да се слушне и гласот на народот, кој сака напредок во лозарството и здрава животна средина.
-Два пати во неполни две години се случува слично или исто сценарио, каде што наместо да разговараме за инвестиции, нови работни места, решавање на секојдневните проблеми на граѓаните, постојано се повторуваат зборовите ѓубре, отпад, депонија, фабрика за преработка на комунален отпад… Пред година и половина силно и недвосмислено ги поддржавме граѓаните во напорите да се спречи отварање на депонија во општина Неготино, но сега јасно се гледа зошто некој со сите сили сепак се трудеше да нема Референдум по прашањето против депонии и слични загадувачи. Сега на сите им е јасно зошто и покрај собраните потписи, не се дозволи Референдумот во Неготино – за да можат разни таканаречени „експерти“ да зададат удар врз општината, при тоа не водејќи сметка за ништо друго освен како да се оствари профит-тврди Пенков.
Додава дека ВМРО ДПМНЕ ќе застане зад народот и нема да дозволи во Тиквешијата да егзистираат сомнителни бизниси.
-ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот ќе ја одбрани својата општина користејќи ги сите демократски алатки. Нашите заложби биле, се’ и ќе бидат секогаш во насока за заштита на животната средина во нашата општина, како и да се слуша и следи гласот на нашите сограѓани! ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи во срцето на Тиквешијата да егзистираат вакви сомнителни бизниси, кои сакаат да остварат профит со загрозување на здравјето на сите нас, кои влијаат штетно врз лозарството како приоритет и кои претставуваат опасност за целиот жив свет во Општина Неготино! НЕГОТИНО ќе остане град препознатлив по виновата лоза, убавото и квалитетно вино и ракија, а не град на депонии, отпади, ѓубриња и фабрики за преработка и согорување на секаков вид на комунален отпад!-порача пратеникот по повод темата која ги вознемири жителите на Неготино и кои преку социјалните мрежи изминатиот период бурно реагираат.
И Здружение на граѓани Ековита ги објави резултатите од спроведената анкета, чиј резултат е дека дури 90 проценти од жителите се против изградбата на депонијата за обработка на отпад, односно гасна централа. Дополнителна загриженост предизвика и изјавата на Александар Гечев, сопственикот на ИГМ Трејд, дадена во интервју за магазинот Капитал пред седум месеци, во која тој тврди дека не се откажува од проектот топилница на челик во Неготино која ќе работи со електро печки.