Граѓаните во 2027 година ќе имаат пет можности за продолжен викенд, додека велигденските празници ќе донесат четиридневен одмор. Распоредот на државните празници веќе е познат, со што оние кои планираат патувања и годишни одмори можат навреме да ги испланираат своите слободни денови.
Според официјалниот календар на неработни денови, првата можност за продолжен викенд ќе биде за Нова година, бидејќи 1 јануари се паѓа во петок, па слободни ќе бидат деновите сè до недела.
Најдолгиот празничен одмор ќе биде за Велигден, во периодот од 30 април до 3 мај, кога православните верници ќе спојат четири слободни дена. Продолжен викенд ќе има и за празниците Св. Кирил и Методиј, од 22 до 24 мај, како и за Илинден, од 31 јули до 2 август.
Последната можност за тридневен одмор во текот на годината ќе биде во октомври, кога Денот на народното востание, 11 Октомври, се паѓа во понеделник.
Во текот на 2027 година се предвидени вкупно десет неработни денови за сите граѓани, а покрај нив се дефинирани и дополнителни слободни денови за припадниците на различните верски и етнички заедници.
Како неработни денови за сите граѓани се утврдени: 1 јануари (петок) – Нова година, 7 јануари (четврток) – Божик, 9 март (вторник) – Прв ден на Рамазан Бајрам, 3 мај (понеделник) – Втор ден на Велигден, 24 мај (понеделник) – Св. Кирил и Методиј, 2 август (понеделник) – Илинден, 8 септември (среда) – Ден на независноста, 11 октомври (понеделник) – Ден на народното востание, 23 октомври (сабота) – Ден на македонската револуционерна борба и 8 декември (среда) – Св. Климент Охридски.
За граѓаните кои планираат одмор, најповолни ќе бидат периодите околу Велигден, Св. Кирил и Методиј и Илинден, кога државните празници директно се спојуваат со деновите од викендот.
