Хрватска направи многу за деблокирање на преговарачкиот процес со С.Македонија и Албанија и сака да се решат преостанатите прашања меѓу Бугарија и С. Македонија за да дочекаме датум на преговори со двете земји, изјави денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Шефот на хрватската влада учествува на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Анталија, регионална иницијатива започната пред 25 години. Годинашниот самит се одржува под претседателство на Турција.

Пленковиќ потсети дека Хрватска е една од земјите што се залагаат за процесот на проширување и дека минатата година на самитот во Загреб, кој се одржа во видео формат, направи многу за деблокирање на преговарачкиот процес со Македонија и Албанија.

„Денеска реков дека сакаме да се решат сите преостанати прашања меѓу Бугарија и С. Македонија и дека треба да го поздравиме тој момент, датумот на отворање на преговорите“, рече Пленковиќ.

На самитот беше усвоен документ за перспективата на развојот на целата област на Југоисточна Европа до 2030 година, кој ги следи глобалните и европските предизвици.

„Документот повикува на подобра соработка, билатерална и регионална и постепена поддршка за оние земји кои имаат амбиција да влезат во Европската унија, а моето излагање беше во та анасока“, рече Пленковиќ.

Според него, клучот е инфраструктурна соработка, економска соработка, трговија и тој предупреди на проблемот со негативните демографски трендови што е присутен низ цела Југоисточна Европа.