Новак Ѓоковиќ денеска ќе се бори за свое десетто финале на Аустралијан Опен, но дел од полуфиналниот меч против Томи Пол сепак нема да биде Срѓан Ѓоковиќ, пренесува Дерби.мк.
Таткото на српскиот тенисер се најде во средина на скандал по четвртфиналниот дуел кој неговиот син го доби против Рубљов, бидејќи позираше со фанови кои имаа про-руски транспаренти со ликот на Владимир Путин.
Политичкиот фолклор во кој се најде Срѓан наиде на остра осуда од западноевропските медиуми, па за да се избегне уште поголем притисок, таткото на Ноле излезе со официјално соопштение и најави дека нема да биде денеска на трибините на „Род Лејвер“.
– Овде сум само како поддршка на мојот син, немав намера да предизвикам било какви наслов и да бидам пречка. Во тие моменти бев надвор со навивачите на Новак, нешто што го правев после сите мечеви на мојот син. Сакав да ја прославам победата и да се сликам со нив. Немав намера да се вплеткам во вакво нешто. Моето семејство го преживеа ужасот на војната и ние сакаме само мир. За да не бидам никаква пречка во полуфиналето за мојот син, или за било кој друг, избрав да го гледам мечот од дома. Сакам добар меч и како и секогаш, ќе навивам за својот син, – порача Срѓан.
Претходно, скандалот којшто го снајде таткото на Ѓоковиќ е неговата слика со руски фанови, поддржувачи на Путин.