Подната фонтана на плоштадот во Скопје повторно ќе биде ставена во функција, најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Во објава на Фејсбук, Ѓорѓиевски посочи дека на локацијата во моментов се изведуваат градежни активности, а целта е просторот повторно да добие уреден и препознатлив изглед.
Според него, фонтаната која со години беше надвор од функција повторно треба да стане место за прошетка, фотографирање и разубавување на централното градско подрачје.
„Ова повеќе нема да биде простор по кој ќе минуваат автомобили и тешки товарни возила. Ова нема да биде запуштено место оставено на забот на времето“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој најави дека фонтаната треба да заживее за неколку дена, а потсети и дека во изминатиот период биле вратени во функција повеќе други фонтани и градски симболи.
Меѓу нив ги наведе „Лотосов цвет“, „Воин на коњ“, „Филип II Македонски“, „Олимпија“, „Паднати борци“, плоштадот „ВМРО“, како и Вечниот оган.
„Ги враќаме симболите на градот. Го враќаме сјајот на Скопје“, порача Ѓорѓиевски.
