Амбулантното возило кое ѝ било донирано на болницата во Кочани, ноќеска било украдено. Полицијата по петчасовна потрага го пронајде возилото, но не и крадците, кои „лудувале“ по кочанските улици, нагло кочеле и возеле и во спротивен правец.
Кочанскиот портал Актуелности.мк, каде и беше објавена веста за кражбата, потоа објави дека по само 5 часа од пријавувањето, полицијата го пронајде болничкото возило.
Кражбата на возилото од болничкиот круг ја пријавил вработен во болницата околу 3.30 часот по полноќ.
Венаш полицијата тргнала во потера врз основа на добиени информации и утрово го пронашла возилото оставено на улицата „Кирил и Методиј”.
Порталот дознава дека крадците имале бурна ноќ по улиците во градот, возеле брзо и нагло кочеле, оставајќи долги траги на асфалтот, а возеле и во спротивен правец по еднонасочни улици. Веројатно кога крадците забележале дека полицијата им е на трага, дошле со возилото до улицата „Кирил и Методиј“, над болницата, тука го оставиле и побегнале во непознат правец.