Заврши првата уписна фаза за запишување студенти во прва година на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип за академската 2026-2027 година. За студиските програми на македонски јазик се пријавиле околу 1.150 кандидати, што претставува повеќе од 70 проценти од предвидената државна квота на универзитетот.
На 12 факултети и три академии на УГД годинава е забележан зголемен интерес, а најголем и понатаму е интересот за Факултетот за медицински науки, информира проректорот за настава на УГД-Штип, Сашо Коцески.
„Радува фактот што оваа година конкуренцијата е голема и имаме голем број на талентирани ученици и првенци на генерацијата, освојувачи на дипломи, награди и признанија. УГД на своите идни студенти ќе им овозможи одлични можности за студирање и научно усовршување како и можности за мобилност и вмрежување преку Европската Универзитетска Алијанса ACE2EU и преку Еразмус+ програмата“, вели Коцески.
Тој посочува дека најголем интерес традиционално има за медицинските науки. Во првиот уписен рок целосно се пополнети предвидените места за студиските програми по Општа медицина и Дентална медицина, додека за Фармација остануваат уште сосема мал број слободни места.
Забележителен раст на бројот на пријави има и на студиските програми од општествените науки, пред сè на Економскиот и Правниот факултет, како и на Факултетот за туризам и бизнис логистика.
Зголемен интерес е регистриран и за техничките науки, предводени од Факултетот за информатика и Факултетот за природни и технички науки. Позитивен тренд и стабилен интерес има и за студиите по македонски јазик и литература.
Прелиминарните резултати од првата уписна фаза ќе бидат објавени на 26 август. Кандидатите на 27 август ќе можат да поднесуваат приговори, додека конечните ранг-листи и решенијата за прием ќе бидат објавени на 31 август.
Запишувањето на примените кандидати ќе се одвива од 1 до 3 септември. На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ќе има уште два уписни рокови во текот на септември.
