По добиени информации за можни обиди за атентат врз полскиот премиер Доналд Туск и министерот за национална одбрана, властите свикаа итен состанок во Антитерористичкиот центар при Агенцијата за внатрешна безбедност.
„Во врска со информациите добиени од полицијата за можен обид за атентат врз премиерот, како и врз вицепремиерот и министер за национална одбрана, министерот за внатрешни работи и министерот задолжен за координација на специјалните служби наредија преземање соодветни мерки“, објави на Икс портпаролката на полското Министерство за внатрешни работи, Каролина Галецка.
Галецка појасни дека на состанокот ќе присуствуваат претставници на полицијата, Државната служба за заштита и Агенцијата за внатрешна безбедност.
Полска, членка на НАТО и Европската Унија на источното крило на двата сојузи, е во состојба на зголемена готовност. Причина се неколку напади со ладно оружје и обиди за напади во основни и средни училишта од почетокот на учебната година во септември, извршени од малолетници и млади лица.
Во четвртокот, премиерот Туск ја осуди, како што ја нарече, „сеопфатната култура на насилство во светот“, која, според него, „стигна и во Полска“.
