Неуспехот да се усвојат измените на Изборниот законик не може да ѝ се припише на опозицијата, туку е резултат на пропустите на власта и на Министерството за правда, изјави претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова во гостување на ТВ Телма. Таа оцени дека обвинувањата на премиерот претставуваат, како што рече, „брутална и безобразна манипулација“ што на крајот ја плаќаат граѓаните.

Зајкова посочи дека обврската за итни измени на Изборниот законик, во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, била предвидена уште во владината програма за 2025 година. Според неа, првичниот рок бил март 2025 година, крајниот рок според Реформската агенда бил јуни 2025 година, а последниот грејс-период завршил на 30 јуни 2026 година.

„Да не беше трагично, обвинувањето на премиерот за пропаднатиот обид за измени на Изборниот законик ќе беше смешно. Ова не е само невистина, туку брутална, безобразна манипулација која ја потценува интелигенцијата на секој граѓанин. Најстрашно е што целата манипулација ја плаќаат граѓаните од сопствениот џеб, додека ги лажат во очи“, рече Зајкова.

Таа додаде дека во Министерството за правда има министер, заменик-министер, државен секретар, шефови на кабинети и советници, кои, според неа, се платени од буџетот, но во текот на цела година не поднеле ниту еден закон во оваа област. Зајкова ја обвини власта дека користи плати, дневници и други привилегии, а притоа не ја исполнила преземената обврска.

„Кога Европската комисија официјално ни пиша дека чекорот не е постигнат поради нивната мрзливост, сега опозицијата им е виновна? Ова е епско расуло на системот. Си ги земаа платите, дневниците и привилегиите, а ни изгубија 4,2 милиони евра“, изјави Зајкова.