Температурата ќе достигне до 42 степени
Португалија и Хрватска ноќеска ќе се соочат во осминафиналето на Светското првенство, но покрај борбата за пласман во четвртфиналето, двете репрезентации ќе мора да се справат и со исклучително тешките временски услови во Торонто.
Натпреварот ќе започне во 1:00 часот по македонско време, односно во 19:00 часот по локално време.
Според прогнозите на канадските метеоролошки служби, температурата за време на натпреварот ќе биде околу 32 Целзиусови степени, додека чувството на топлина ќе достигне и до 42 степени.
Покрај високите температури, прогнозирани се и грмотевици. Поради тоа, за периодот од 13:00 до 22:00 часот по локално време се издадени жолти временски предупредувања, кои го опфаќаат и терминот кога ќе се игра натпреварот.
ФИФА може да го прекине натпреварот
Според правилата на ФИФА, натпреварот може привремено да биде прекинат доколку грмотевици се приближат на помалку од 13 километри од стадионот.
Во таков случај, играчите, членовите на стручните штабови и навивачите ќе треба да се повлечат на безбедно место додека не помине опасноста.
Поради екстремните температури, Светската фудбалска федерација веќе воведе дополнителни мерки за заштита на сите стадиони на отворено.
На репрезентациите им се обезбедени климатизирани клупи, доволни количини вода и пијалоци со електролити, мраз, ладни крпи, прскалки за разладување и дополнителни засенчени простори.
ФИФА соопшти дека распоредот на натпреварите бил подготвен по анализа на ризикот од екстремни температури за секој град домаќин.
Невремето ги наруши и подготовките
Неповолните временски услови веќе влијаеја врз подготовките на португалската репрезентација. Тренингот на избраниците на Роберто Мартинез во средата беше доведен во прашање поради силни налети на ветер.
Сепак, временските услови подоцна се стабилизираа, па тренингот беше реализиран без поголеми проблеми.
