Напаѓачот најпрво се обидел да пука, а потоа извадил нож и ги нападнал ученичките во училишниот двор

Две 13-годишни девојчиња се тешко повредени во напад што се случил во гимназијата „Вефлен“ во баварскиот град Шонгау, откако поранешен ученик влегол во училишниот двор вооружен со пиштол и нож. Осомничениот е 16-годишник со хрватско потекло, кој по нападот бил уапсен.

Според германските медиуми, малолетникот најпрво се обидел да употреби пиштол, но оружјето не испукало. Потоа извадил нож и ги нападнал девојчињата, објави „Дојче Веле“.

Едната ученичка поради тешките повреди со хеликоптер била пренесена во болница. Властите соопштија дека и двете девојчиња се надвор од животна опасност.

Напаѓачот претходно бил на психијатриски третман

Баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман изјави дека засега нема индиции дека во нападот учествувало уште едно лице.

„Претпоставуваме дека имало еден напаѓач кој имал нож и огнено оружје“, изјави Херман.

Тој додаде дека осомничениот претходно бил на психијатриски третман, а истрагата треба да утврди дали постоела каква било поврзаност меѓу него и повредените девојчиња.

Баварскиот премиер Маркус Зедер изрази сочувство до учениците, наставниците и семејствата погодени од нападот.

„Во овие тешки времиња, сите сме заедно“, порача Зедер.