Министерот за здравство Сашо Клековски утрово оствари работна посета на службата за Итна помош во Скопје со цел непосредно да ги согледа условите во кои функционира оваа медицинска единица и да ги слушне тековните предизвици од вработените во најоптоварената служба во државата.

„Ќе бидам директен: условите се лоши. Простор што одамна не одговара на обемот на работа, диспечерски центар кој работи на граница на своите можности, и екипи кои и покрај сето тоа излегуваат на терен 24 часа дневно, 365 дена во годината. Тоа мора да се менува“, порача Клековски.

Во рамки на најавените реформи, министерот претходно посочи дека Итната помош во главниот град ќе претрпи организациска трансформација, при што ќе се издвои од Здравствениот дом и ќе продолжи да функционира како самостојна јавна здравствена установа со сопствено раководство и посебен буџет, поставувајќи пилот-модел за понатамошен развој.

Во план е и воведување на Национален диспечерски центар за ефикасна координација на сите медицински тимови на територијата на целата држава, со примена на единствени национални стандарди за тријажа. Ваквиот систем подразбира секој повик да се проценува според идентична скала во сите градови, со што во услови на зголемен број повици над капацитетот на екипите, тријажата според строго утврден протокол ќе одредува приоритет за интервенција.

Покрај системските решенија, најавено е засилување на возниот парк со нови санитетски возила, како и обезбедување на дополнителен стручен медицински кадар за потребите на службата.

„Пред неколку дена лекар и медицинска сестра од оваа служба беа нападнати на работно место. Луѓето што доаѓаат кога ни е најтешко заслужуваат и пристојни услови за работа и безбедност додека ја вршат својата должност. И едното и другото се наша обврска“, истакна Клековски.