ДЗС и МВР интервенираат од воздух, нема опасност по куќи и објекти, информира Стојанче Ангелов

Пожари кај Преспа, Желино и Прилепско се активни и денеска, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Еден ер трактор на ДЗС дејствуваше врз пожарот во близина на Преспанското Езеро, при што во повеќе наврати полнеше вода од езерото и интервенираше од воздух. Вториот ер трактор беше ангажиран кај пожарот во атарот на Желино и Еребино.

„Еден ер трактор на ДЗС полнејќи вода од езерото успешно дејствуваше во повеќе налети врз пожарот до Преспанско Езеро, додека вториот ер трактор врз пожарот кај Желино и Еребино. Полицискиот хеликоптер дејствува врз пожарот во Прилепско околу селата Штавица, Чумово, Волково и Прилепец. Кон овие села се упатува и еден армиски хеликоптер“, изјави Стојанче Ангелов.

Во гаснењето на пожарот кај прилепските села Штавица, Чумово, Волково и Прилепец, веќе дејствува полициски хеликоптер. Дополнително, во реонот е упатен и еден хеликоптер на Армијата.

Ангелов посочи дека во моментов нема опасност по куќи, други објекти или население.

На терен се наоѓаат доволно противпожарни екипи, како и локални жители кои активно помагаат во справувањето со пожарите.

Пожари кај Преспа, Желино и Прилепско се под контрола со координирана акција од воздух и од земја.