Во 10-те топ проекти се отсликува визијата за поубава Битола, проекти со кои, според Кондовски, драстично ќе се подобри животот во градот.
-Ветувам и се обврзувам на целосно ослободување на севкупниот општински потенцијал преку изработка на нов генерален урбанистички план, пробивање на подземна сообраќајница кај хотелот „Епинал“ и изградба на подземна гаража, изградба на велосипедска мрежа која ги поврзува сите големи улици протегајќи се кон Ниже Поле и Националниот парк Пелистер. Ќе извршиме модернизација и реконструкција на трите градски сообраќајни влезови и ќе направиме реконструкција на локалната индустриска артерија, најави Кондовски.
Во програмата на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата Општина“ вградена е изградбата на мултифункционален спортски центар, формирање на технолошки парк, како и реализација на проектот „Зелена Битола“.
-Проектот „Зелена Битола“ опфаќа развивање на зелените површини на Тумбе Кафе, зголемување на зелените градски површини за 30 проценти и изградба на нови детски паркови. Ќе субвенционираме проекти за енергетски ефикасни фасади, велосипеди, плински уреди за возила, како и за набавка на хибридни или електрични возила. Со гасификација и топлификација ќе бидат опфатени првите индустриски капацитети и 35 јавни објекти, посочи Кондовски.
На промотивниот настан беше најавено дека локалниот ски центар Ниже Поле ќе добие современа опрема за заснежување и правење на вештачки снег, а ќе се заменат и трите ски лифтови со нови.
СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата Општина“ вечер ќе одржат митинг на плоштадот пред Центарот за култура во Битола.