Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари проштална средба со амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. На средбата му се заблагодари за досегашната соработка и за личниот придонес на амбасадорот во унапредувањето на односите меѓу законодавниот дом и Мисијата на ОБСЕ.
Како што соопшти собраниската прес-служба, Гаши истакна дека ОБСЕ, преку своето долгогодишно присуство во државата, претставува важен и конструктивен партнер на институциите во процесот на јакнење на демократијата, владеењето на правото и градењето инклузивно општество.
Собранискиот претседател укажа дека со помошта и постојаната поддршка од ОБСЕ се зајакнати парламентарната независност, контролната и надзорната функција, како и севкупната демократска улога што ја има парламентот во општеството.
Амбасадорот Вал од своја страна потенцираше дека е исклучително важно да се продолжи со понатамошно јакнење на улогата на Собранието како централна демократска институција. Тој нагласи дека фокусот треба да остане врз контролата и надзорот над извршната власт, транспарентноста, институционалната отчетност и зголемувањето на довербата на граѓаните во демократските процеси.
Двајцата соговорници се согласија дека инклузивноста, еднаквоста и целосната почит кон правата на сите заедници остануваат од фундаментално значење за водењето политички дијалог и воспоставувањето доверба меѓу заедниците, при што експертизата и поддршката од ОБСЕ се покажаа како особено вредни.
На крајот од состанокот, Гаши нагласи дека амбасадорот Вал е одличен познавач на севкупните состојби во земјава и регионот, посочувајќи оти тој е докажан пријател на државата на чија поддршка и идна соработка ќе може да се смета во рамките на неговите нови професионални должности.
