– Дел од од нашите барања се веднаш сега, Владата на Република Северна Македонија додатокот што ни следува од 7.100 да се покачи на 12.000 денари. И во следните две години истиот додаток за попреченост да ја достигне минималната плата во државата. Бараме изедначување на родителските, односно згрижувачките права, за родителите на деца со посебни потреби. Бараме права за асистените на лицата со попреченост, рече претседателот на Коалицијата „Менуваме“, Суаред Алиша.
Тој наведе дека бараат да се отстрани старосната граница за ортопетските помагала. Побара на товар на Фондот да бидат ставени белите стапови, кои го користат слепите лица, како и мерачите на притисок и на шеќер.
– Сакам да ја демантирам министерката Шахпаска, бидејќи ние никаде во нашите барања не зборуваме за инклузивност, не зборуваме за никаква програма, туку нашите цели се јасни, се базираат врз база на системски законски и подзаконски акти кои што треба државата да ги надополни, рече Алиша.
Тој потенцираше дека излегле на протест да ги побараат нивните права, кои како лица со попреченост треба да ги уживаат.
Посочи дека нивните барања утре ќе бидат доставени во Владата, а од оттаму ќе заминат во „Жена парк“ да кампуваат. Исто така, додаде, дека ќе блокираат и сообраќајни коловози и автопатишта.
– Ние ја запознавме меѓународната јавност, односно сите амбасади во нашата држава, затоа што сакаме навистина да дадеме силен придонес за сегашните и идните генерации. Во земјава има 120.000 лица со попреченост, кои имаат некаков хендикеп, нагласи Алиша.
Имено, по најавата за денешниот протест, Министерството за труд и социјална политика соопшти дека инклузијата на лицата со попреченост е нивен врвен приоритет.
– Само во изминатите десет месеци Министерството за труд и социјална политика, преку законски измени, ја намали возрасната граница за стекнување на правото на личен асистент од 18 на 6 годишна возраст. Тоа значи дека секое дете со потешка и најтешка физичка попреченост или потполно слепо дете ќе може да добие личен асистент, со што го поттикнуваме личниот и образованиот развој на децата и им помагаме на родителите во секојдневната грижа за нив, наведоа од МТСП.
Од Министерството додадоа дека мината недела беше промовирана апликацијата за слепи лица – Аудио читач која беше подготвена во тесна соработка со Националниот сојуз на слепи лица.
Министерството за труд и социјална политика, како што истакнаа, работи и на имплементација на Меѓународната класификација на функционалност која ќе овозможи сеопфатен преглед на можностите и способностите на секое дете со попреченост, како и на потребната социјална, образовна или друг вид на поддршка за унапредување на целокупниот развој на личноста.
– Врвен приоритет за вклучување на лицата со попреченост во општествените текови на животот МТСП е и инклузивноста уште од предучилишното образование, поради што само во текот на 2021 година, отворени се вкупно 13 градинки кои ги задоволуваат сите стандарди за физичка пристапност и престој на деца со попреченост. Во 24 општини во земјава во завршна фаза се подготовките за воспоставување на услугите помош и нега во домот, центри за дневен престој и услуга за рехабилитација и реинтеграција, наменети за 900 корисници. Наскоро ќе биде отворен и Центарот за одмена на семејната грижа во Демир Капија со капацитет од 250 корисници годишно, во кој семејствата кои се грижат за членови со попреченост добиваат можност за одмор во времетраење од 15 денови годишно, нагласија од МТСП.
Од Министерството посочија дека продолжува и процесот на деинституционализација.
– Во текот на април беа формирани два дома за живеење со поддршка за девет поранешни корисници на Специјалниот завод Демир Капија, а во завршна фаза се подготовките за нови четири дома за живеење со поддршка за лица со интелектуална попреченост кои во моментов се сместени во институциите. Во март оваа година го отворивме Дневниот центар за деца со попреченост од 14-26 години во Топанско поле, а уште два Дневни центри во Делчево и Липково се во фаза на подготовка, наведоа од МТСП.