Рускиот претседател Владимир Путин денеска испрати честитка до својот „драг пријател“ и кинески колега Си Џинпинг по повод неговиот 70-ти роденден, изразувајќи желба за зајакнување на нивните односи.

– Искрено ти посакувам, драг пријателе, добро здравје, среќа, просперитет и успех, напиша Путин во телеграмата објавена на веб-страницата на Кремљ.

– Сметам на продолжување на нашиот конструктивен дијалог и блиска заедничка работа за актуелните билатерални, регионални и меѓународни прашања во корист на народот на Русија и Кина, рече тој.

Путин упати пофални зборови до Си Џинпинг, оценувајќи дека под негово раководство Кина забележа „импресивни успеси – националната економија покажува солиден раст, богатството на граѓаните се зголеми, а зајакна и позицијата на Пекинг на светската сцена“, пренесува Бета.

Рускиот претседател ги поздрави и напорите на неговиот кинески колега за зајакнување на односите на глобално партнерство и стратешка соработка меѓу Москва и Пекинг.

Русија и Кина имаат блиски односи кои се зајакнаа од почетокот на руската офанзива врз Украина на 24 февруари 2022 година и низата западни санкции насочени кон руската економија.

Пекинг, исто така, не го осуди нападот на Русија врз својот украински сосед. Си Џинпинг ја посети Москва во март, каде што изјави дека билатералните односи „влегуваат во нова ера“.