Пешачки мост во Градскиот парк во Скопје е целосно уништен откако работници се обиделе преку него да пренесат багер, реагираат граѓани на социјалните мрежи. Според објавените сведоштва, даските на мостот попуштиле под тежината на машината, по што конструкцијата била оштетена и останала вон употреба.
Граѓани наведуваат дека работниците претходно поставиле две штици за да направат премин преку мостот, но обидот не успеал и даските се скршиле.
„Оти паркот не е доволно уништен, ете сега и мостот го искршија со багер кој се обидуваа да го преместат на другата страна и нормално им пропадна“, реагира граѓанин на социјалната мрежа „Икс“.
Фотографијата од оштетениот мост била објавена на „Икс“, каде дел од корисниците коментирале дека работниците биле забележани уште пред два дена како подготвуваат импровизиран премин. По попуштањето на даските, мостот бил целосно оштетен и повеќе не може да се користи.
