Македонската економија бележи економски раст со раст на 3,2% на Бруто Домашниот Производ (БДП), додека јавниот долг е намален за речиси 3%. Истовремено, 2024 година донесе рекорден број на странски директни инвестиции по глава на жител, а буџетот се полни со предвидената динамика.
За премиерот Христијан Мицкоски, примарна цел на Владата е преку домаќинско владеење да се продолжи со трендот на раст и во првиот квартал од 2025 година.
Мицкоски: „Економијата заздравува, трендот на раст продолжува“
Премиерот изјави дека економијата е стабилизирана за помалку од три квартала, што, според него, било примарната цел на Владата – да се спречи слободниот пад и да се создадат услови за економски раст.
“Апсолутно тоа се први индикации дека економијата заздравува, дека одиме во правилна насока. За помалку, би рекол, од три квартала, ја стабилизиравме состојбата во државата, што беше наша примарна цел – да ја стабилизираме од слободниот пад. Потоа, се разбира, преку активни и домаќински политики, чесно и добро владеење, да успееме да обезбедиме раст на економијата. Во третиот квартал ќе ве потсетам тоа беше 3%, сега е 3,2%. Очекувам овој тренд да продолжи и во првиот квартал од оваа година. Очекувам уште една убава вест до крајот на неделата,” изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Рекордни странски инвестиции – над 1,2 милијарди евра
Премиерот очекува трендот на раст на странските директни инвестиции (СДИ) да продолжи и во 2025 година, а со многу странски компании веќе се водат преговори. Најголем дел од нив се од енергетскиот сектор, што треба да ја направи Македонија енергетски независна на подолг рок.
“2024 година ја завршивме со рекордно историско ниво на странски инвестиции од 1 милијарда и 255 милиони евра, со што повторно по глава на жител сме држава со најголем број на странски инвестиции во регионот. Во јуни ставаме на ‘Алказар’ точно инвестицијата, тоа се половина милијарда американски долари инвестиција, со што конечно ќе имаме поголемо производство на електрична енергија од тоа што го трошиме,” изјави премиерот Мицкоски.
Зголемување на минималната плата – Владата ќе бара договор со работодавачите
Премиерот потврди дека минималната плата од 500 евра од април е прифатлива за Владата, но само доколку за тоа се постигне договор со работодавачите преку Економско-социјалниот совет.
Сепак, Мицкоски го отфрли предлогот на опозицијата Владата да субвенционира до 30.000 денари, тврдејќи дека тоа е доказ дека Синдикатот станал партиска бина на СДСМ, ДУИ и „Левица“.
“Ако се мисли на предлогот на опозицијата, Владата да субвенционира до 30.000 денари, тоа е знак дека Синдикатот се претворил во партиска бина на СДСМ, ДУИ и ‘Левица’,” изјави Мицкоски.
Владата оптимистична за 2025 година
Според премиерот, трендот на економски раст и зголемени странски инвестиции треба да продолжи и во 2025 година. Со најавените проекти во енергетиката и инфраструктурата, Македонија има потенцијал да ја зацврсти својата позиција како атрактивна дестинација за инвеститорите.