Српските власти разбиле организирана криминална група осомничена за криумчарење мигранти од Турција кон земјите од Западна Европа, при што меѓу уапсените се и двајца припадници на српската полиција, објавија бугарски медиуми.
Акцијата била спроведена по истрага на српската Служба за борба против илегална миграција и организиран криминал, во рамки на оперативната работна група „ИТЕР“ на Европол. Оваа специјализирана група беше формирана во септември 2023 година со цел да им помогне на националните власти во борбата против криминалните организации кои се занимаваат со шверц на мигранти.
Во операцијата биле приведени пет лица, меѓу кои и лицето за кое истражителите сметаат дека било организатор на мрежата, како и двајца српски полицајци.
Според истрагата, главниот организатор бил високопозициониран член на поширока меѓународна криминална структура поврзана со трговија и шверц на мигранти. Надлежните утврдиле дека групата била формирана во 2025 година, а од јануари до јули оваа година организирала транспорт на авганистански мигранти од Турција, преку Бугарија и Србија, кон нивните крајни дестинации во Западна Европа.
При претресите на пет локации биле пронајдени огнено оружје и муниција, уред за радио-комуникација, мобилни телефони, околу 5.700 евра во готовина и дополнителни 40.000 српски динари. Полицијата запленила и три возила за кои постои сомневање дека биле користени за превоз на мигранти.
Властите соопштија дека главните членови на организацијата биле српски државјани кои дејствувале од градот Пирот. Според истражителите, мрежата за транспорт, сместување и помош при илегално преминување на границата наплаќала околу 1.300 евра по човек.
Мигрантите, според информациите од истрагата, биле насочувани кон преминување на таканаречената зелена граница со однапред договорени ГПС координати. Најголемиот дел од финансиските трансакции биле реализирани преку неформалниот систем за трансфер на пари „Хавала“, кој често се користи во меѓународни криминални активности поврзани со шверц.
Европол го оцени шверцот на мигранти како една од најзначајните форми на организиран криминал во Европската Унија. Агенцијата нагласи дека е потребна координирана борба против сите делови од криминалниот синџир – од регрутирањето и транспортот на мигрантите, до откривањето и прекинувањето на финансиските мрежи што ги овозможуваат овие активности.
Во рамки на овие напори, Европол посочи дека во декември бил формиран Европски центар за борба против шверцот на мигранти, чија цел е подобрување на размената на информации меѓу земјите членки и зајакнување на соработката со агенции како Фронтекс и Евроџаст.
