Општина Аеродром бележи рекорден пад на бројот на новоизградени станови и станбени површини во последните четири години. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на новоизградени станови е намален за дури 84 проценти, а вкупната изградена површина за 85 проценти во споредба со претходниот четиригодишен период, покажува истражувањето на Скопје Инфо.
Во периодот од 2017 до 2021 година, на територија на Општина Аеродром биле изградени 6.414 станови со вкупна површина од 350.983 м², што значи просечно над 1.280 станови и 70.000 м² годишно. Тоа темпо создаде сериозен урбанистички притисок и беше централна тема во локалната кампања во 2021 година.
Но, во периодот од 2021 до 2025, за време на мандатите на поранешниот градоначалник Тимчо Муцунски и актуелниот градоначалник Дејан Митески, динамиката на градење е драстично намалена. Бројот на новоизградени станови паднал на 1.012, а вкупната изградена површина на 53.348 м². Просечно годишно се градат околу 337 станови, или помалку од 18.000 м².
Од општината велат дека ваквиот тренд е дел од напорите за враќање на контрола врз урбаниот развој и воспоставување подобра рамнотежа меѓу развојот и квалитетот на живеење.
„Целта не беше да се запре развојот, туку да се направи поодржлив и поусогласен со потребите на заедницата“, велат од Општина Аеродром.
Во изминатиот период, фокусот бил ставен на стабилизирање на урбанистичките текови и заштита на јавниот интерес, зелените површини и инфраструктурниот капацитет на општината.
Преземно од Skopjeinfo