Во недела, на внатрепартиски избори, СДСМ бира нов претседател на партијата. Во трка се тројца кандидати: Димитар Ковачевски, Фросина Ташевска Ременски и Јован Деспотовски.

Во интервју за Лидер, единствената дама, вели дека очекувала претседателот Зоран Заев на сите тројца кандидати јавно да им ја честита кандидатурата како што тоа го направил Бранко Црвенковски во 2013 година, но тоа не се случи.

Како нов лидер на СДСМ , Ременски ќе се насочи кон обединување на партијата.
– Дозволувавме јавноста да го креира ставот за партијата, а мислењето здраво за готово да биде прифаќано од страна и на наши членови. Недоволната внатрешна комуникација и форуми за услушување на критиките и сугестиите во интерес на партијата придонесе незадоволствата да резултираат со демотивација на членството и подгревање на дебатите за табори и крила, подвлекува Ременски во интервјуто за Лидер.

 

ЛИДЕР: Влеговте ли во фер борба за највисоката партиска функција?

Распишувањето на внатрепартиските избори е демократски чин. Има разлика помеѓу фер шанса и фер борба. На крајот на денот и едното и другото влегува во една оценка. Гаранцијата и оценката за фер борбата на крајот ќе ја оценат членовите кои ќе излезат да гласаат во недела. Ако членството почувствува дека некој од партијата, кандидатите или општинските раководства применуваат методи кои не одат во прилог на нивната слобода и убедување во изборот, тие преку гласање ќе го изразат нивниот став. Во една изјава Јован Деспотовски истакна дека, очекувал сите да почнеме од 0:0. Јас кажав дека во овие внатрепартиски избори подобро ќе беше претстедателот Зоран Заев да излезе и на сите тројца кандидати да ни ја честита кандидатурата, а сите поддржувачи на кандидатите да го искористат своето право на глас во недела и да гласаат за еден од кандидатите. Посочив дека таа неутралност (барем јавно) ја покажа Бранко Црвенковски на Конгресот на СДСМ во 2013 година. Но, и покрај ова јас сум повеќе од убедена дека членството ќе знае за што гласа во недела и каква иднина ѝ посакува на СДСМ.

ЛИДЕР: Дел од актуелното партиско раководство е во интензивна промоција и поддршка на Димитар Ковачевски. Значи ли ова дека однапред се знае исходот од внатрепартиските избори на 12 декември?

Во недела членството треба да гласа за понудата, авторитетот, општествениот и партискиот придонес на кандидатите, а не за резултатите на нивните поддржувачи. Лично не сакам да играм на картата на членови на минати или сегашни раководства, зошто тоа не оди во прилог на она за што се залагам, а тоа е единство и обединување. Не сакам да подгревам дебати за припадност кон табори и крила, зошто тоа и до сега го разедини членството и го стави во функција на индивидуални интереси на поединци кои со тоа најмалку ѝ помагаат на партијата. Ако се види како поминаа поддршките за време на локалните избори, кога одредени кандидати за градоначалници беа засенети од владините функционери и промоција на централни, наместо локални политики, тогаш секој што разбира политика ќе знае да цени. Мојата цел е да се исправат, а не да се коригираат тие грешки. Дури на 12.12 можеме да зборуваме за исход, кој верувам ќе биде изненадување, но тоа ќе значи дополнителен демократски предизвик за СДСМ и тест за единството на партијата.

ЛИДЕР: Дали Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија полека го напушта демократскиот принцип на делување?

Партијата секогаш била исправена пред предизвиците на различни ставови или интереси. Успехот од менаџирањето на истите може да се види преку историјата на партијата. Во мојата програма истакнав дека, дебатата за внатрепартиските состојби и прашаања треба да се води внатре – во рамки на партијата. Дозволувавме јавноста да го креира ставот за партијата, а мислењето здраво за готово да биде прифаќано од страна и на наши членови. Недоволната внатрешна комуникација и форуми за услушување на критиките и сугестиите во интерес на партијата придонесе незадоволствата да резултираат со демотивација на членството и подгревање на дебатите за табори и крила. Почитувањето на статутарните одредби треба да овозможи секој член да го знае својот статус, своите права и обврски во партијата. Никој не треба да стравува и да бега од соочување за прашања кои наместо на пропагандата треба да ѝ се отстапат на органите на партијата. Демократијата и единството бараат повеќе од реторика и декларативна заложба. Таа бара подавање на рака.

ЛИДЕР: Може ли Фросина Ременски да се носи со товарот кој и го остави Зоран Заев на СДСМ?

СДСМ како владеачка партија го носи севкупниот товар во државата. Од неа не очекуваат решенија само членовите, туку сите граѓани. Како човек сум се носела со товарот на сите одлуки кои сум ги носела и во кои сум верувала. Зоран Заев ја водеше СДСМ во многу тешко и специфично време. Тоа не го правеше сам. Покрај него беа сите кои веруваа во целта и идејата, кога многумина се плашеа да влезат во партијата. Товарот на победата го понесоа сите што веруваа во неа. Познато е дека после битките се јавуваат многу генерали кои благодарение на првоборците добиваат можност да добијат некои позиции. Јас можам да се носам со се, но не и со товарот на транзитните „професионалци“ кои на товарот додадоа дополнителни тегови и оневозможија сериозни процеси на реформа. Немањето храборост и решителност за справување со наследената недемократска матрица стана најголем товар на очекувањата на граѓаните. Тоа е предизвик и товар истовремено, за идниот лидер на СДСМ.

ЛИДЕР: Дали овие избори може да го извлечат СДСМ од внатрепартискта криза и да донесат обединување ?

Целта на изборите е токму тоа. Колку ќе успееме ќе зависи и од ова што претходно го говорев. Мојата цел е да спречам секаква активност што би значела предавање на власта на тацна без борба, во смисла на поправање на грешките и исполнувањата на очекувањата од 2016 година со кои ја добивме поддршката и на партиски неопределените граѓани. Со избегнување на потенцирањето кој зад кого стои, се ослабнува обединувачката моќ. Не сите ликови се кохезивен фактор, напротив некои од нив се причина за состојбите во кои се наоѓа партијата, па и Владата.

ЛИДЕР: Треба ли новиот претседател на СДСМ да биде и Премиер на РСМ?

Обединувањето на овие две функции како идеја прв ја промовираше претстедателот Заев. Мојот став по тоа прашање е јасен – невозможне е целосно посветување на партиските и владините агенди од страна на еден човек. Мојата концепција е деконцентрација на моќта во партијата која во дел може да корелира со функции во извршната власт. Ако остане да важи тој принцип на акумулација на функции во еден човек, тогаш таа одлука по изборите треба да помине низ органите на партијата и да се определи мандатарот. Слушнавме дека коалиционите партнери во Владата немаат проблем за тоа кој од СДСМ ќе биде идниот мандатар што е коректен политички став.