Современ спортски центар и куглана во „Јасмин“

Министерот за спорт Борко Ристовски, премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев денеска присуствуваа на поставување камен-темелник за два капитални спортски проекти во Кавадарци, со кои треба да се зајакне спортската инфраструктура во градот и поширокиот Тиквешки регион.

Првиот проект предвидува изградба на нов модерен спортски објект во рамки на Спортскиот центар „Јасмин“, во вредност од 118 милиони денари. Во објектот се планирани нова куглана, сала за гимнастика и сместувачки капацитети за спортисти.

Нов картинг центар во Моклиште

Паралелно започнува и реализацијата на вториот проект – изградба на картинг центар во месноста Моклиште, вреден 35.247.407 денари. Со ова, Кавадарци добива нов спортско-рекреативен комплекс за мотоспорт, рекреација и организација на спортски настани.

Вкупната инвестиција изнесува над 153 милиони денари и е дел од поширокиот инвестициски циклус на Владата во спортската инфраструктура.

Инвестираме во младите и иднината

Министерот за спорт Борко Ристовски истакна дека без силна инфраструктура нема развој на спортот и дека секоја инвестиција е директно вложување во младите.

„Нема силен спорт без силна инфраструктура. Денеска инвестираме во објекти, но суштински инвестираме во младите луѓе, во нивната иднина и во новите генерации македонски шампиони“, изјави Ристовски.

Од Министерството за спорт посочуваат дека Владата продолжува со инвестициски циклус насочен кон рамномерен развој на спортот и подобрување на условите за тренинг и натпреварување низ целата држава.