ЕУ останува целосно посветена на европската перспектива на Македонија, порача денеска амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас

Не треба да имате никакво сомневање дека Европската комисија е целосно посветена да ја види вашата земја како полноправна членка на ЕУ – рече Рокас, обраќајќи се на седница на Националниот совет за евроинтеграции, посветена на клучните аспекти на процесот на европска интеграција.

Тој истакна дека процесот на проширување е во полн ек и дека секојдневно се бележат нови позитивни случувања.

Осврнувајќи се на земјава, Рокас оцени дека покажала капацитет за спроведување реформи. Тој ја поздрави работата на Собранието и донесувањето на повеќе закони, додавајќи дека со поддршка на Делегацијата на Европската Унија институциите можат успешно да се подготват за пристапување во Унијата.

Без двоумење можам да кажам дека земјата покажа дека има капацитет да спроведува реформи. Би сакал да ја поздравам работата што е завршена во Собранието, особено во однос на законите што се донесуваат во овој дом. Секако, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија, сметаме дека успешно можеме да ве подготвиме за пристапување кон ЕУ – додаде Рокас.

Нагласи дека постојат три клучни области на кои земјата треба да остане посветена, а една од нив е владеењето на правото. Рокас истакна дека во овие области не може да има компромис, бидејќи тие се основните критериуми врз кои се темели пристапниот процес.

Предуслов за отворање на преговарачките поглавја е исполнувањето на строгите критериуми, особено во делот на владеењето на правото и нивната целосна имплементација. Тоа се стандардни процедури што важат за сите земји кандидати – истакна евроамбасадорот.

Тој нагласи дека владеењето на правото ќе остане главниот критериум според кој ќе се оценува напредокот на секоја земја-кандидат, а покрај законодавните реформи, неопходно е, како што рече, да се обезбеди професионална и ефикасна јавна администрација, како и да се пополнат испразнетите позиции во правосудството.

Рокас порача дека е особено важно судството да биде кадровски и финансиски зајакнато и ослободено од политички влијанија. Буџетот, рече тој, треба да обезбеди доволно средства за негово непречено функционирање, бидејќи ефикасното и независно правосудство претставува клучен предуслов за успешна евроинтеграција.