Кристијано Роналдо започнува нов бизнис во Португалија, овојпат со минерална вода. Фудбалерот на Ал-Наср вложил 10 милиони евра во лансирање бренд, а ист износ инвестирала и компанијата „Grupo Outeirinho“, објави „SIC Noticias“.

Со вкупна инвестиција од околу 20 милиони евра, Роналдо ќе поседува 50 проценти од бизнисот. Фабрика за флаширање веќе се гради во Браганса, а продажбата во Португалија и на странските пазари е планирано да започне до крајот на 2027 година. На развојот на брендот работи италијанска дизајнерска компанија.

Според „Grupo Outeirinho“, проектот ќе отвори неколку десетици работни места. Компанијата наведува и дека контролира 45 проценти од португалскиот пазар на минерална вода.

Ова не е прво вложување на Роналдо во овој сектор. Тој претходно стана косопственик на брендот за минерална вода „Урсу9“, претставен во Мадрид во јуни 2023 година.